Ковачевски – Фон дер Лајен: Брисел силно го поддржува дијалогот Скопје – Софија

Претседателот на Владата - Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Во соопштението од владината прес служба е наведено дека Фон дер Лајен му изразила благодарност на премиерот Ковачевски за, како што се вели во соопштението, брзите реакции на Владата на Северна Македонија, за кои истакнала дека во целост се усогласени со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

„Воедно, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен искажа честитки за посветеноста на дијалогот Скопје – Софија и уште еднаш повтори дека Брисел силно го поддржува и поздравува овој процес кој ќе овозможи забрзување на процесот на евроинтеграции“, се наведува во соопштението.

И покрај загрижувачката ситуација со Украина која се наметна како приоритет, како што стои во соопштението, премиерот Ковачевски информирал дека владите на Северна Македонија и Бугарија се посветени и активно продолжуваат со дијалогот за изнаоѓање решенија и резултати за време на француското претседателство со ЕУ.