Белоруските обвинителите побараа од судот во Минск да изрече 18-месечна затворска казна за дописникот на РСЕ, Алех Хрузџилович, поради учество во масовните протести на кои се оспоруваа официјалните резултати од претседателските избори во 2020 година, на кои авторитарниот владетел Александар Лукашенко го доби шестиот мандат на функцијата.
На судското рочиште судијата им забрани да присуствуваат на постапката на поддржувачите, пријателите и колеги на Хрузџилович, иако имаше многу празни места во судницата, јавуваа од белорускиот сервис на РСЕ.
Сопругата на Хрузџилович, Марјана, присуствуваше на рочиштето, но не и беше дозволено да разговара со нејзиниот сопруг, додека на новинарката од руската нова агенција Спутник и беше дозволено да биде во близина на стаклениот кафез каде што седеше Хрузџилович.
Еден од тужителите во овој случај агенцијата за градски транспорт Менсктранс пред судот истакна дека новинарот Хрузџилович „нанел финансиска штета“ на компанијата со учеството во три неодобрени собири и побара оштета од 20 илјади долари.
Хрузџилович го отфрли обвинението, посочувајќи дека на протестите присуствувал во својство на новинар и дека за нив известувал како дописник со акредитација издадена од Министерството за надворешни работи.
Хрузџилович беше уапсен лани додека белоруските власти продолжуваат со острата репресија врз независните медиуми, активистите за права и демократските институции по протестите.
Претседателот на РСЕ, Џејми Флај, го осуди случајот велејќи дека „новинарството не е кривично дело“.
Западните земји и белоруската опозиција сметаат дека претседателските избори биле наместени и дека опозициската кандидатка победила, а не Лукашенко. По протестите илјадници демонстранти во разни акции беа приведени .