Уставниот суд нема доволно судии за да одлучува околу иницијативата за изборот на Џафери

Уставниот суд на денешната седница не донесе одлука по иницијативата за оспорувањето на Одлуката за избор на претседател на Собранието Талат Џафери на 27 април 2017 година. Уставните судии ќе одлучува по оваа иницијатива кога ќе биде во полн состав, се вели во одговорот од Уставниот суд. Во него е наведено дека претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска го добила овој предмет како готов реферат на 22 февруари 2022 година, или една недела пред денешната седница и веднаш го стави на седница, како што е праксата за сите останати предмети.

Уставниот суд заложник на партиски пресметки

„За појаснување, овој предмет е оформен уште во 2017-та година со спојување на три иницијативи и на 07 јуни 2017-та година, советник на Судот кому му бил доделен предметот го изготвил рефератот и го предал на тогашниот судијата-известител. Од објективни причини на почетокот на годината предметот е прераспределен кај нов судија, кој за две недели го проучил рефератот и го предал на Претседателката на Уставниот суд како подготвен за одлучување. Всушност, од јуни 2017-та година се до 22 февруари оваа година, тој предмет не бил предаден кај претседател на Суд за да се стави на дневен ред за одлучување“, се вели во соопштението од Уставниот суд.

Уставен суд ќе ја разгледува одлуката за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието

Во соопштението на Уставниот суд е наведено дека во овој контекст, претседателката Кацарска на сите советници и судии им наложила приоритет да даваат на постари предмети и да внимаваат на времетраењето на постапката, а дополнително уште пред повеќе од четири месеци е побарано од советниците на Судот да достават информација за сите нерешени предмети, а на судиите им е укажано да реагираат кај советниците на Судот за да ги изготвуваат рефератите во најкраток рок.

„Токму по овие укажувања од страна на претседателката на Судот веќе е одлучено по неколку стари предмети изминатиот период“ се вели во соопштението.

Уставниот суд повеќе од половина година како функционира со помалку судии. Во Собранието со месеци е заглавен процесот за избор и именување на нови 4 уставни судии поради политички преговори кој да има мнозинство во собраниската комисија за избори и именување .