Има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви, соопштуваат во Владата. Од таму апелираат граѓаните да бидат смирени оти, како што наведуваат, не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи.
„Во моментот нема потреба да се стават во функција стоковите резерви, имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат залихи за период од над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви“, стои во владиното соопштение.
Од Владата апелираат и до трговците да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи. А повикуваат и граѓаните да бидат сигурни и во најавите на Централната банка дека девизниот курс на денарот е стабилен и дека таков ќе остане.