Собранието попладнево ја продолжи расправата по однос на утврдување на дневниот ред за 64. седница, на која се предложени 11 точки. Прогласена е нова пауза по што, како што информира претседателот на Собранието Талат Џафери, седницата ќе продолжи.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи на Предлог-одлуката од владејачкото мнозинство за разрешување на членот на Комисијата за прашања на избори и именувања Фадил Зендели. Обвинуваат за прекршување на собранискиот Деловник и оти мнозоинство сака Зендели повеќе да не биде член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, оти, како што велат, во таа Комисија им е потребно мнозинство за да ги аминуваат штетни политички одлуки.
Од владејачкото мнозинството пак сметаат дека треба да се запази деловничкото правило распоредот на пратеничките мандати да се преслика и во работните тела. Според нив, по преминувањето на БЕСА во опозиција, пратеникот Зендели како член на оваа партија треба да го отстапи местото претседател на Комисијата за прашања на избори и именувања на СДСМ, како што се повлече и од позицијата потпретседател на Собранието.
Комисијата за избори и именувања нема одржано седница откако БЕСА премина во опозиција, со што власта го изгуби мнозинството во ова тело.