Бугарскиот министер Заков: Црното Море е безбедно

Илустративна фотографија/ Црно Море

Силите на НАТО може да бидат стационирани на бугарска територија, но под одредени услови, изјави новиот бугарски министер за одбрана Драгомир Заков откако положи заклетва.

„Бугарија е членка на НАТО и зборот НАТО не е валкан збор. Доколку е потребно, претпоставувам дека сите Вие би се чувствувале побезбедни доколку треба да дојдат силите на НАТО, но тоа ќе се направи по одредена процедура, истакна Заков.

Како што наведе Заков, загарантирана е безбедноста на Бугарија на црноморската граница.

„НАТО веќе ги активира плановите за одговор. Црното Море е дел од оваа област на одговорност на НАТО, така што можете да бидете апсолутно сигурни дека Црното Море е безбедно“, истакна новиот бугарски министер.

Поради руската инвазија во Украина, Алијансата најави распоредување дел од своите борбени сили за одговор во источните земји-членки без да се прецизира конкретната бројка.

НАТО претходно имаше околу 5000 војници стационирани во Естонија, Летонија, Литванија и Полска, но значително ги зголеми своите сили во овие земји во изминатите три месеци.

Сепак, НАТО соопшти дека нема да започне никаква воена акција за поддршка на Украина, која е близок партнер на Алијансата, но не е земја-членка.

Бугарија е членка на НАТО од 2004 година. Истовремено со неа во Алијансата беа примени Естонија, Летонија, Литванија, Словенија, Словачка, Бугарија и Романија.