Руски воен конвој се распоредува пред Киев

Сателитска снимка над Иванкив покажува руски воен конвој кој минува низ села, северозападно од Киев, Украина, 28 февруари 2022 година.

Руската армија денеска поставила контролни пунктови на периферијата на јужниот украински град Херсон, а голем воен конвој се собира пред Киев, се информациите кои пристигнуваат на шестиот ден од почетокот на руската војна во Украина.

Сателитските снимки покажуваат дека конвој оклопни возила и артилерија што се протега на повеќе од 65 километри се наоѓа на неколку километри од главниот град. Украинските вооружени сили во тоа гледаат обид руските сили да го опколат и да ја преземат контролата над најголемиот град во земјата.

Развојот на настаните дојде откако не се постигна напредок во разговорите за прекин на огнот меѓу украинските и руските претставници на 28 февруари, иако и двете стани се согласија да се продолжат преговорите во наредните денови.