Пресуди за „Титаник“ - Јанакиески осуден на четри и пол години затвор, Јанкулоска на две и пол

Миле Јанакиески на рочиште за случајот Титаник

Во Кривичниот суд во Скопје денеска беа изречени пресуди за обвинетите во случајот „Титаник.“

Поранешните министри за внатрешни работи и за транспорти и врски Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, кои на претходното рочиште се изјаснија за виновни, денеска Судот ги осуди на вкупно седум години затвор.

Претседателот на судечкиот совет Осман Шабани информира дека Јанакиески е осуден на вкупно четири години и шест месеци затвор, додека Јанкулоска на две години и шест месеци затвор.

Случајот „Титаник“ се однесува на изборни нерегуларности, а претходно на почетокот на месецов дел од обвинетите признаа вина.

Јанакиески и Јанкулоска се меѓу оние кои на претходното рочиште се изјаснија како виновни, како и поранешната заменичка министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковска и Мартин Протуѓер - шеф на кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски кој исто така е обвинет во овој предмет, но е во бегство во Будимпешта.

Судот денеска ја соопшти и пресудата за Протугер кој доби условна казна од две години затвор, која нема да се реализира ако во следните пет години тој не стори ново кривично дело. Исто така на иста условна осудени беа и поранешната заменичка министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковски и обвинетите Кирил Тодоровски и Катерина Веловска.

Обвинетиот Мунир Пепиќ беше осуден на казна затвор од една година, додека Коста Митровски беше осуден на три години казна затвор.

Денешните пресуди Судот ги изрече за оние кои признаа вина, а судењето ќе продолжи на 9 март за останатите обвинети.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.