Украинска делегација пристигна на разговори со Русија

Претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Украинска делегација пристигна на границата со Белорусија на разговори со руски претставници, додека Москва се соочува со влијанието на построгите економски санкции воведени од Западот, поради нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина.

Украинската делегација, меѓу другите, е составена од министерот за одбрана Олексеј Резников и претседателскиот советник Михајло Подољак, соопшти денеска кабинетот на претседателот.

Средбата доаѓа неколку часа откако пред зори се слушаа експлозии во главниот град на Украина Киев, како и во Харков, соопштија украинските власти. Претседателот Володимир Зеленски предупреди дека следните 24 часа ќе бидат критични за Украина.

Во новото обраќање на 28 февруари, Зеленски упати апел до руските војници да го положат оружјето.

„Оставете ја вашата опрема. Заминете одовде. Не им верувајте на вашите команданти. Не им верувајте на вашите пропагандисти. Само спасете ги вашите животи“, рече Зеленски во обраќањето, додавајќи дека повеќе од 4.500 руски војници веќе ги загубиле животите за време на нападот што го спроведе Кремљ врз Уркиана.

Нема независни потврдени информации за бројот на жртви од Руската армија, која на 27 февруари за прв пат призна дека некои од нејзините војници биле „убиени и повредени“, но не даде бројки или дополнителни детали.

Со ескалацијата на борбите на теренот, западните сојузници ги зголемија напорите да ја казнат Русија со затворање на воздушниот простор за руските авиони, исклучување на некои банки од финансиската мрежа „SWIFT“ и ограничување на способноста на Москва да ги распореди своите девизни резерви од 630 милијарди долари. Се очекува сите воведени мерки да преизвикаат удар врз економијата.

За задржување на дипломатскиот притисок, американскиот претседател Џо Бајден ќе биде домаќин на денешниот повик на сојузниците и партнерите за понатамошно координирање на обединет одговор, соопшти Белата куќа.

Зеленски на 28 февруари ја повика Европската унија веднаш да и додели на Украина членство по посебна процедура.