Премиерот Ковачевски во Лондон на Инвестициски самит за Западен Балкан

Димитар Ковачевски

Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски престојува во Лондон, каде што ќе присуствува на Инвестицискиот самит за Западен Балкан што го организира Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

На Самитот се очекува да присуствуваат претставници од владите од регионот, претседателката на ЕБОР, комесарот на Европската Унија за соседство и проширување и други релевантни претставници од регионот.

Од владината прес-служба информираа дека премиерот Ковачевски заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, покрај учеството на пленарната сесија на самитот со која ќе претседава претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо, ќе имаат повеќе работни средби со високи претставници на ЕБОР и на Европската унија. Предвидени се и билатерални средби со лидерите на земјите од Западен Балкан.

Како дел од агендата, Ковачевски заедно со лидерите на земјите од Западен Балкан ќе се сретне и со британскиот премиер Борис Џонсон.

Вчера, премиерот Ковачевски во македонската Амбасада во Лондон се сретна со македонски иселеници кои живеат и работат во Обединетото Кралство.