ЕУ го затвора воздушниот простор за руски авиони

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Европската унија ќе го затвори својот воздушен простор за руските авиокомпании и приватните авиони поради руската инвазија на Украина.

Забраната беше донесена денеска од страна на министрите за надворешни работи на блокот. Одлуката е меѓу неколкуте акции што ги најавија министрите за надворешни работи по средбата во Брисел.

„Го затвораме воздушниот простор на ЕУ за Русите. Предлагаме забрана за сите авиони во руска сопственост, руски регистрирани или контролирани од Русија. Овие авиони повеќе нема да можат да слетаат, полетуваат или прелетуваат на територијата на ЕУ“, рече Фон дер Лајен на прес-конференција.

Многу европски земји веќе најавија дека ќе го затворат својот воздушен простор за руските авиони. Владата на денешната седница донесе одлука да се приклучи на препораките на ЕУ и на земјите членки кои веќе донесоа таква одлука, да воведе забрана за влез во воздушниот простор на територијата на Северна Македонија за авио компании од Руската Федерација.