Стотици уапсени на антивоените протести во Русија

Русите во неколку градови, вклучувајќи ги Москва, Санкт Петербург и Самара, денеска повторно излегоа на улиците во знак на протест против руската инвазија на Украина. Демонстрантите маршираа во центарот на градовите, извикувајќи „Не на војната“.

Според ОВД-инфо, непрофитна организација која ги следи полициските апсења низ целата земја, до попладневните часови полицијата уапсила 461 лице во 32 града за учество во антивоени демонстрации.

Протестите против инвазијата продолжуваат четири дена по ред, и покрај тоа што полицијата приведува стотици луѓе секој ден. Активисти за човекови права соопштија дека меѓу 24 и 26 февруари повеќе од 3.000 Руси биле приведени поради протести против војната на нивната земја против Украина.