Украина и Русија се согласија да одржат разговори на белоруската граница

Рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Володимир Зеленски.

Украинските и руските претставници ќе се сретнат на разговори на белоруската граница со Украина, соопшти кабинетот на претседателот Володимир Зеленски. Двете страни ќе се сретнат на неодредена локација на границата со Белорусија и не наведоа датум или време за средбата.

Разговорите ќе се одржат без предуслови и се резултат на телефонскиот разговор меѓу Зеленски и авторитарниот лидер на Белорусија, Александар Лукашенко, се вели во соопштението од кабинетот на Зеленски.

„Се договоривме украинската делегација да се сретне со руската делегација без предуслови на украинско-белоруската граница, во близина на реката Припјат“, се вели во соопштението.

Лукашенко, според соопштението „ја презеде одговорноста да се погрижи сите авиони, хеликоптери и проектили стационирани на белоруска територија да останат на теренот за време на патувањето, разговорите и враќањето на украинската делегација“.

Претходно портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека руска делегација пристигнала во Белорусија на преговори. Делегацијата ја сочинуваат претставници на Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и други руски субјекти, вклучително и претседателскиот штаб.

Зеленски претходно изјави дека неговата земја е подготвена за мировни преговори со Русија, но не и во Белорусија. Говорејќи во видео порака Зеленски ги наведе Варшава, Братислава, Истанбул, Будимпешта или Баку како алтернативни места.