Путин ја обвини Украина дека ја пропушта „можноста“ за разговори

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини украинските власти дека ја губат „можноста“ за разговори по инвазијата на Москва врз нејзиниот прозападен сосед.

Кремљ соопшти дека Путин го информирал израелскиот премиер Нафтали Бенет за „текот на специјалната воена операција за заштита на Донбас“.

За време на телефонскиот повик, како што се наведува во соопштението, Путин истакнал дека „руската делегација е во белорускиот град Гомел и е подготвена за разговори со претставниците на Киев, кои, според него, покажувајќи недоследност, сè уште не ја искористиле оваа можност“.

Бенет од своја страна предложил Израел да дејствува како посредник во разговорите меѓу Русија и Украина „со цел да се запрат непријателствата“, соопшти Кремљ.

Од Канцеларијата на Бенет пак стоопштија дека двајцата лидери разговарале за ситуацијата меѓу Русија и Украина.

Повикот уследи по извештаите дека украинскиот претседател Володимир Зеленски побарал од Израел да игра посредничка улога по руската инвазија. Бенет и Зеленски разговараа во петокот.

Русија сака да преговара во Белорусија, која им дозволи на руските трупи да ја нападнат Украина.

Зеленски денеска истакна дека Украина е подготвена да разговара со Русија, но одби разговорите да се одржуваат во соседна Белорусија.

Русија пред четири дена ја нападна Украина, притоа обидувајќи се да го заземе главниот град Киев. Ноќеска пак руските сили влегоа во Краков, вториот град по големина во Украина.