Руската војска влезе во Харков

Оштетена куќа од рускиот напад врз Харков

Руските сили влегоа во Харков, вториот по големина град во Украина. Шефот на регионалната администрација во Харков, Олег Синегубов, изјави дека украинските сили се борат против руските војници во градот и побара од цивилите да не ги напуштаат своите домови. На видеата објавени на интернет од украинските власти се гледа како руски возила се движат низ градот.

Во меѓувреме, експлозија го погоди југоисточниот дел на Киев веднаш по полноќ и се појави црвено светло над веројатно воено складиште за гориво, како што објавија медиумите. Нема информации за штети или повредени.

Властите соопштија дека во руски напад било погодено складиште за нафта во Василков, град јужно од Киев.

„Непријателот сака да уништи сè“, рече градоначалничката на Василков, Наталија Баласинович.

Имаше извештаи и за експлозија што се слушнала западно од центарот на градот Киев и воздушни сирени. Поради извештаите за судири во близина на Харков, кабинетот на претседателот Володимир Зеленски соопшти дека руските сили разнеле гасовод во градот, поради што владата ги предупреди луѓето да се заштитат од чадот покривајќи ги своите прозорци со влажна крпа или газа.

Канцеларијата на Зеленски соопшти дека друга експлозија се случила на цивилниот аеродром Жулиани. Украинската армија соопшти дека ја држи линијата против нападот врз главниот град, но се бори против руските „диверзантски групи“ кои се инфилтрирале во градот каде што луѓето се кријат во домовите, подземните гаражи и станиците на метрото во очекување на целосен напад од страна на Русија.

„Ќе се бориме додека не ја ослободиме нашата земја“, рече Зеленски во видео пораката.

Во објава на Фејсбук, украинскиот министер за одбрана Олексиј Ресников ги охрабри своите војници по, како што рече, „трите дена кои засекогаш ја променија нашата земја и светот“.

Тој рече дека Русија не успеала да го заземе Киев како што планирале и додаде дека Украина сега очекува помош од други земји што се чинеше невозможно пред три дена. Тој рече дека на Европа и треба Украина за да се бори.

Украинскиот министер за здравство Виктор Љашко вчера изјави дека 198 луѓе се убиени, а повеќе од 1.000 други се ранети во руската офанзива. Русија не ги објави бројките за жртвите.

Агенцијата за бегалци на ОН вчера соопшти дека над 120.000 украински бегалци ја напуштиле земјата откако Русија го започна нападот на 24 февруари, главно бегајќи во соседните земји како Полска, Романија, Молдавија и Унгарија.