Украинските власти јавуваат за 198 цивилни жртви, вклучително и деца

Предградие на Киев, Украина

Украинските сили го одбија рускиот напад врз Киев, но „диверзантски групи“ се инфилтрирани во главниот град, соопштија украинските власти.

Украина пријави 198 цивилни жртви, вклучително и деца, по руската инвазија, пренесува АФП.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека неговата прозападна земја никогаш нема да попушти пред Кремљ дури и кога Русија рече дека истрелала крстаречки ракети врз воени цели.

Украинскиот министер за здравство Виктор Љашко изјави дека загинале 198 цивили, меѓу кои три деца, а 1.115 се ранети.

Во Киев, жителите се засолниле во системот на подземната железница и во визби и подруми.

Во Париз, францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека светот мора да се подготви за долга војна.

„Оваа криза ќе потрае, оваа војна ќе трае и сите кризи што ќе дојдат со неа ќе имаат трајни последици“, рече Макрон.

Неколку членки на НАТО испратија оружје и муниција во Украина во последниве недели, вклучително и Велика Британија, Соединетите Држави и поранешните комунистички земји во источна Европа. Од Вашингтон, државниот секретар Антони Блинкен најави дополнителна воена опрема од 350 милиони долари.

НАТО соопшти дека за прв пат ги распоредува своите сили за брз одговор од 40.000 војници во источна Европа, но западната воена алијанса јасно стави до знаење дека нема да испрати војници во Украина.

Во меѓувреме, Русија ја обвини Украина за продолжување на конфликтот со тоа што одбива да ја прифати понудата за преговори во соседна Белорусија, каде Русија има стационирани илјадници војници.

Зеленски рече дека неговата земја го „исфрлила од колосек“ рускиот план за негово соборување и ги повика Русите да извршат притисок врз Путин да го запре конфликтот. Украина ги негираше сугестиите дека одбива да преговара за прекин на огнот со Русија, но рече дека исто така не е подготвена да прифати ултиматуми или неприфатливи услови.

Руската инвазија во Украина започна пред два дена, на 24 февруари.