Ердоган: НАТО требаше да преземе порешителени чекори во Украина

Посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Украина, на почетокот на февруари 2022

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека реакцијата на НАТО и западните земји на рускиот напад врз Украина не е одлучна, додавајќи дека се надева на порешителна позиција на Алијансата по денешниот самит на НАТО.

„НАТО требаше да преземе порешителени чекори“, рече Ердоган.

Турција е членка на НАТО и се граничи со Украина и Русија на Црното Море, а одржува добри врски со двете држави. Таа ја повика Русија да го запре нападот и изрази поддршка за територијалниот интегритет на Украина.

„Западните сили само и делат совети на Украина“, изјави Ердоган, додавајќи оти тоа „не наликува ниту на пријателство, ниту на солидарност“.

Со советувања нема да се стигне никаде, додаде тој.

„Кога ќе ги погледнете преземените чекори, ги нема “, изјави тој за новинарите.

И покрај бранот санкции од Западот против Русија, Турција соопшти дека се противи на таквите потези. Според Ројтерс, Ердоган, исто така, избегнувал да користи зборови како „осудува“ во неговата реакција или „инвазија“ за да опише што се случува.

И украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја повика Европа да дејствува побрзо и посилно во воведувањето санкции кон Москва поради инвазијата на Украина, обвинувајќи ги западните сојузници за политиканство, додека силите на Москва напредуваат кон Киев.

Вчера Украина побара од Турција да ги затвори Босфорот и Дарданелите, кои ги поврзуваат Медитеранот и Црното Море со Русија, според пактот од 1936 година. Сепак, од Анкара реагираа дека според меѓународниот договор не можат да ги спречат руските бродови да влезат во Црното Море.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба исто така рече дека со турскиот колега денеска разговарале за „практични чекори за зајакнување на одбранбените капацитети на Украина“.

Турција и продаваше беспилотни летала на Украина и потпиша договор за заедничко производство. Анкара се противи и на руската политика во Сирија и Либија, како и на нејзината анексија на Крим во 2014 година.