МНР - Нови ковид протоколи за влез во Британија и Франција

Архивска фотографија: Патници со маски на скопскиот аеродром

Македонските граѓани, кои се целосно вакцинирани, за влез во Обединетото Кралство веќе нема потреба да прават тест за ковид-19 ниту пред, ниту откако ќе пристигнат таму, соопшти Министерството за надворешни работи. Според новите ковид протоколи, сепак останува обврската за пополнување на формуларот за лоцирање на патници.

„Обединетото Кралство го прифаќа нашиот сертификат за примени вакцини, за оние кои ги признава (Модерна, Јансен, Новавакс, АстраЗенека, Фајзер, Синофарм и Синовак), а ЕУ дигиталниот ковид сертификат за нашите граѓани ќе почне да го признава од 28 февруари 2022 година. Дополнително, за невакцинирани лица се сметаат оние без ниту една или само со една вакцина (освен ако е Јансен) или лица кои имаат примено вакцина чиј сертификат оваа земја не го признава, на пример Спутник“, наведуваат од МНР.

Од МНР потсетуваат дека на македонските државјани за влез во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска (ОК) им е потребна важечка британска виза или дозвола за престој.

Во Франција македонските државјани може да влезат доколку се вакцинирани, односно примиле една од следниве вакцини: Фајзер, Модерна, АстраЗенека. Условите се да се поминати седум дена од втората доза, освен за вакцините кои се примаат во една доза, 28 дена од Џонсон и Џонсон, седум дена од трета доза на Фајзер, за лица кои претходно примиле вакцина која не е призната од Европската агенција за лекови - EMA, наведуваат од МНР.