Денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни, уверуваат монетарните власти

Македонски денари

Денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни. Министерството за финансии и Народната банка будно ги следат состојбите, при што навремено се разменуваат информациите и ќе се реагира соодветно на случувањата, секој во рамки на надлежностите на својот мандат.

Ова беше посочено на денешната средба помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Фатмир Бесими, на која стана збор за актуелните меѓународни случувања, ефектите врз глобалната економија, како и очекувањата за македонската економија од руско-украинскиот конфликт.

На средбата беше посочено дека почетокот на руско-украинската војна имаше ефект врз глобалните пазари и инвеститорите. Цените на примарните производи, храната и енергенсите пораснаа, додека цените на акциите се намалија, што е очекувано однесување кај инвеститорите во вакви случаи.

Ова ќе повлијае и на процесот на опоравување на глобалните синџири, со оглед на улогата на Русија и Украина во нив, како едни од најголемите производители на енергенси и жито.

„Директната изложеност на нашата економија кон овие две економии е многу мала. Тие не се присутни во финансискиот сектор, а странските директни инвестиции и дознаките кои доаѓаат оттаму, имаат учество под еден отсто во вкупните вредности. Но, со оглед на учеството на Русија и Украина во понудата на глобалните пазари на суровини, очекувани се индиректни ефекти преку цените на примарните производи“, велат од Народната банка.

Сепак, доколку овие состојби се одразат на растот на европската економија, можно е влијание и врз инвестициите – домашни и странски, а со тоа и влијание врз економската активност, порачуваат од НБ.

Од таму уверуваат дека изминатите години се креирани соодветни заштитни механизми во финансискиот систем, што ќе овозможи негово непречено функционирање и натамошна кредитна поддршка на економската активност.