Уапсена активистка за човекови права во Москва, која повика на протест против војната во Украина

Познатата активистка за човекови права Марина Литвинович

Познатата активистка за човекови права Марина Литвинович денеска била уапсена, кратко време откако јавно ги повика Русите на протест во нивните градови против руската инвазија врз Украина.

Таа на Телеграм напиша дека е приведена додека излегувала од својот стан во Москва.

Преку видеообјава на Фејсбук, таа ги повика руските граѓани ширум земјата да не се плашат и да протестираат против рускиот напад врз Украина.

„Знам дека многумина од вас во моментов се чувствуваат очајно, немоќно и засрамено поради нападот на Владимир Путин врз пријателскиот народ на Украина. Но, ве повикувам да не бидете очајни и да излезете на централните плоштади во вашите градови во 19 часот денеска и јасно и гласно да кажеме дека ние, граѓаните на Русија, сме против војната што ја започна Путин“, рече Литвинович.

Рускиот истражен комитет во меѓувреме ги предупреди граѓаните против учество во протести против инвазијата.

Сепак, во многу градови во Русија граѓани одржуваа поединечни протести со еден човек, за кои не е потребна претходна дозвола од властите, на кои бараат итен прекин на воениот напад врз Украина.

Многумина од таквите демонстранти кои протестираа сами беа приведени.
Во соседен Казахстан, полицијата во најголемиот град Алмати уапси неколкумина активисти кои се собраа пред рускиот конзулат со осуда за нападот врз Украина.

Во Киргистан, пак, десетици активисти протестираа пред руската амбасада против рускиот напад врз Украина.