Мицкоски - Територијалниот интегритет на Украина мора да се почитува, сите прашања да се решат по дипломатски пат

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Работата на политичарите е да воспостават мир, да градат пријателства и да се даде шанса на дипломатијата. Да се сочува меѓународното право и принципи, да се сопре агресијата и да се почитува територијалниот интегритет на секоја независна и суверена држава, порачува лидерот нас ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неговиот статус на Фејсбук.

„Ме прашуваат за став за руската агресија врз Украина, а партиските глодари на СДСМ и ДУИ дополнително ќе речат сум немал став додека ја чекаат коската која треба да ја добијат од стопанот со крадени народни пари. Јас мојот став го кажав јасно и во лице пред дваесет дена на состанок со амбасадорот на Руската Федерација во Македонија: „територијалниот интегритет на Украина како и на секоја суверена земја е константа и мора да се почитува, а сите различни ставови во поглед на актуелните прашања да се решат по дипломатски пат“. Жалам што не можам да сторам повеќе, а сè би дал да можам да спречам страдање на цивилите и невини човечки жртви“, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Но, она што исто е важно за мене како човек и Македонец, додава Мицкоски, е како земјава „ќе се справи со актуелните предизвици на економски и енергетски план, какви се резервите со кои располага во услови на криза која надоаѓа, ќе продолжи ли криминалот и корупцијата, како и распродавањето на националните интереси“.