Зеленски - Украина претрпе „сериозни загуби“ по руските воздушни напади

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ кажа на својата нација дека Украина претрпела „сериозни загуби“ во почетните фази од долго стравуваниот руски напад на почетокот на 24 февруари, а негов советник рече дека во нападите биле убиени најмалку 40 луѓе.

Зеленски, исто така, рече дека ги прекинува дипломатските односи со Москва и ги повика Русите „кои не ја изгубиле честа“ да протестираат против постапките на нивната влада.

Зеленски зборуваше во денешно телевизиско обраќање, веднаш откако руските проектили ги погодија воздушните бази и воената инфраструктура во околу 25 градови.

Нападите се случија откако рускиот претседател Владимир Путин нареди „специјална“ операција за „демилитаризација“ на својот сосед и ривал.

Нападот започна во раните утрински часови на 24 февруари, при што се слушнаа експлозии и сирени во главниот град Киев и на аеродромот Бориспил, а сведоци пријавија ракетни експлозии во многу други градови, вклучитрлно Харков, Краматорск, Днипро, Мариупол, Одеса, и Запорожје.

Нападот предизвика гнев и осуди од Западот и од други земји, бидејќи ратеа стравувањата од голема војна среде Европа.