Протести против ковид мерките во Бугарија

илустрација

Неколку стотици луѓе денеска протестираа во главниот град на Бугарија поради задолжителни мерки за ковид 19. Демонстрантите вееја национални знамиња и носеа транспаренти од националистичката партија Препород, која ги организираше протестите. Тие извикуваа „Оставка“ и „Слобода“ и ја повикаа владата да поднесе оставка поради „неуспехот да се справи со здравствената криза“.

Полицијата беше присутна во центарот на Софија за да го зачува мирот. Демонстрантите го отфрлија планот на владата за постепено укинување на рестриктивните мерки за ковид, барајќи веднаш да се укине задолжителното носење маски за лице и здравствените сертификати.

Здравствените сертификати потврдуваат вакцинација, негативен тест или неодамнешно закрепнување од болеста и се задолжителни за влез во затворени простори.

„Олеснувањето на ограничувањата треба да се направи во три чекори и да започне следната недела“, изјави Ангел Кучев, главен инспектор за здравство на Бугарија.

Планот има за цел да ги укине сите ограничувања до 20 март.

Бугарија овој месец забележа пад на случаите на коронавирус. Денеска се пријавени 4 667 нови дневни случаи на инфекција, додека врвот на сегашниот бран беше на крајот на јануари, со повеќе од 12 000 случаи на ден.