Лев Тахор – Тука сме туристички, нема да останеме повеќе од еден месец

Припадници на еврејската религиозна група „Лев Тахор“

Членовите на еврејската група Лев Тахор сметаат дека непотребно се создава омраза против нив, појаснуваат дека во земјава се туристички и не планираат да останат повеќе од еден месец. Како што пренесува МИА, од групата велат дека Северна Македонија е прекрасна земја, народот е добар, независно што поединци негативно реагираат на нивното присуство.

„Тука сме туристички за да посетиме некои еврејски објекти, синагоги, да посетиме роднини, гробови на наши претци…Немаме планови да бараме никаков постојан престој, тука сме привремено, имаме дозвола од тримесечен престој, а немаме намера да останеме тука повеќе од еден месец“, изјави за медиумите припадничката на групата.

Групата во моментов е сместена во хотел во охридското село Горно Лакочереј. При пристигнувањето во земјава прво престојуваа во Куманово, од каде со полициско обезбедување се преместија во хотел Скопје. Нивното невообичаено облекување и религиозните практики не минаа незабележано од локалците, а беше нападната една од кумановските куќи каде се смести дел од групата. Локацијата на која беа сместени во Скопје се држеше во тајност, поради страв од напади. Пред Македонија, тие одреден период престојуваа во Босна и Херцеговина.

„Луѓето непотребно се агресивни кон нас. Не бевме протерани од БиХ, тоа се само медиумски шпекулации, наш избор беше да заминеме оттаму согласно плановите, за потоа да дојдеме тука. Моментално немаме постојан престој, во потрага сме по земја каде ќе ни биде дозволено да ги практикуваме нашите човечки права и религиозни слободи, како што е запишано и во библијата. Во меѓувреме транзитираме, не знаеме кога тоа ќе се случи, но засега немаме планови за постојана дестинација“, додава припадничката на Лев Тахор.

Жителите на селото Горно Лакочереј се мобилизираа и најавија протест поради присуството на групата, поради наводни стравувања за безбедноста на нивните деца. Реакции имаше и на социјалните мрежи, каде беа објавени статуси и коментари со недолична и заканувачка содржина, а една охриѓанка заработи кривична пријава заради објавување ксенофобична содржина на нејзиниот фејсбук-профил.

Од МВР повикаа на толеранција и соопштија дека членовите на групата имаат легални патни исправи, одобрен привремен престој во зејава, како и дека ги почитуваат законите. Реакции стигнаа и од Еврејската верска заедница на Македонија од каде побараа надлежните органи да преземат соодветни мерки против оние кои ширеле говор на омраза по повод престојот Лев Тахор во државава. Групата, додаваат оттаму, е мирољубива и не загрозува никого.

Групата која допатува во земјава пред две недели ја сочинуваат 37 лица од кои половината се деца. Во неа има американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка.

Лев Тахор, како што ја опишуваат некои од западните медиуми, следи фундаменталистичка форма на еврејска практика и се придржува до сопствените нетипични толкувања на еврејскиот закон, меѓу кои долги молитви, договорени бракови меѓу тинејџери, а женските деца над три години почнуваат да носат црни покривки од глава до долу.