Петков: кој на каква фотографија е не е важно за нашата стратегија

Македонскиот и бугарскиот премиер Кирил Петков и Димитар Ковачевски се сретнаа во Скопје во јануари и договорија нова стратегија за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска рече дека нема да дозволел провокации за односите со Република Северна Македонија. Како што пренесува бугарската државна агенција БТА, пред новинарите во парламентот тој ги нарекол „глупости“ обидите да се спречел, како што кажа, тонот на дијалог меѓу Софија и Скопје.

Оваа негова изјава следува по фотографијата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен направена на минато неделната Минхенска конференција, на која се заедно со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, но на фотографијата објавена на Фејсбук профилот на Петков беше исечен неговиот колега од Скопје.

„Кој на каква фотографија е не е важно за нашата заедничка стратегија“, рече Петков.

Тој рече и дека на безбедносната конференција во Минхен, државните лидери се собираат на мал простор и оти на сите фотографии што ги направил таму имало најмалку по пет шест лидери вкупно.

„Знаете, веројатно и јас имам ПР тим“, рече тој на прашањето дали го исекол Ковачевски од фотографијата. Тој потврди дека долгорочна заедничка стратегија е влегување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Бугарскиот премиер рече и дека му е драго што се сретнал со Бугарите од Република Северна Македонија и оти нивните права се приоритет за бугарската влада. Според него, целта е нивните права да бидат заштитени и да нема говор на омраза, а истовремено да не се дозволи Република Северна Македонија да ја изгуби шансата да влезе во Европската Унија.