САД: самитот Бајден-Путин не е можен по акциите на Русија во Украина

Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки

Шансите за дипломатско решение на кризата во Украина се намалија откако Соединетите држави соопштија дека потенцијалниот самит меѓу претседателот Џо Бајден и рускиот лидер Владимир Путин е надвор од агендата по најновите агресии на Москва. Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, во очекуваниот развој на настаните, им рече на новинарите на 22 февруари дека предложената средба на двајцата лидери засега е надвор од агендата по одлуката на Путин да признае два сепаратистички региони во Украина како независни држави и да испрати војници таму.

Бајден- Кој му даде право на Путин да прогласува независност на туѓи територии

Псаки не ја исклучи можноста за евентуална средба на двајцата претседатели, но таа рече дека Бајден нема да се сретне со рускиот претседател доколку Русија не ја деескалира ситуацијата во Украина со повлекување на своите војници. „Никогаш нема целосно да ја затвориме вратата за дипломатијата“, им рече таа на новинарите. Сепак, таа додаде дека „дипломатијата не може да успее доколку Русија не го промени курсот“.

Блинкен ја откажа закажаната средба со Лавров

Претходно американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека го откажал состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој беше планиран за подоцна оваа недела.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека останува отворен за дијалог и дипломатско решение на украинската криза, но додаде дека за интересите на Русија, како што е безбедноста на земјата, не може да се преговара.

„Нашата земја е секогаш отворена за директен и искрен дијалог со цел да се најдат дипломатски решенија за најсложените проблеми“, рече Путин во телевизискиот говор на 23 февруари, Денот на националниот бранител на татковината.