Акција на косовската полиција во Северна Митровица против копачи на криптовалути

Менувачница за криптовалути во Приштина

Косовската полиција утрово спроведе акција во северниот дел од земјата, населен со мнозинско српско население, со цел откривање на нелегални копачи на криптовалути, јави агенцијата Косовапрес.

Извори на агенцијата изјавија дека е извршен претрес на две локации во населбата „Бошњачко Маало“ во Северна Митровица.

Засега нема информации дали е запленета компјутерска опрема за копање на криптовалути и дали има уапсени лица.

Косовската Влада на почетокот на годинава донесе одлука за забрана на ископување криптовалути до регулирање на потребната законската инфраструктура, со оглед дека постои сомневање оти мнозинството кои се бават со таа дејност не ја плаќаат електричната енергија која е потребна за ископување.