Во периодот од 14 до 20 февруари регистрирани се 6.119 нови позитивни ковид случаи, што е за 29,2 отсто помалку во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 16,7 до 31,1 отсто, просечно 25,8 отсто.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, за 11 отсто е намален и бројот на тестирања.
Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележителен пад од 31,5 отсто во возрасната група од 20-29 години и 31,2 отсто кај лицата на возраст од 50-59 години.
Минатата недела биле оздравени 8.797 лица.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 863 реинфекции, со намалување од скоро 30 отсто во однос на претходната недела.
Пријавени се 106 смртни случаи во 23 градови, за 27,9 отсто помалку во однос на претходните седум дена. Над 95 отсто од починатите се на возраст над 60 години.
Се намалува и бројот на луѓе на болничко лекување. Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 484 лица, 30 отсто помалку во споредба со претходна недела. Од нив 297 се на кислородна поддршка, а 11 на механичка вентилација.