По долго и тешко боледување почина македонскиот писател, преведувач и универзитетски професор Драги Михајловски.
Михајловски со своето творештво ќе остане запаметен како еден од најавтентичните и најсугестивни раскажувачи во македонската современа литература, со преводите, како еден од најплодните, но и наједуцирани и најуспешни пренесувачи на книжевните вредности од англо-саксонската јазична сфера на македонски јазик, а со својата универзитетска дејност, како еден од најпочитуваните и најсакани професори на универзитетот, соопштија од Друштвото на писатели на Македонија.
Тој е роден во Битола во 1951 година. Автор е на повеќе збирки раскази, драми и романи. Има објавено и две книги за деца како и две студии од областа на преведувањето. Неговите прозни дела се преведувани на десетина јазици.
Михајловски во јавноста е познат и како македонскиот Шекспир, бидејќи од англиски на македонски има преведено повеќе од 110.000 стихови, меѓу кои 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир.
Добитник е на „Рациновото признание“ за книгата раскази Скок со стап и два пати ја доби наградата „Стале Попов“ на ДПМ, за романот Смртта на дијакот (2002) и за романот Мојот Скендербеј (2006). Михајловски ги има добиено и сите награди за книжевни преведувачи во Македонија.