Турскиот суд го продолжи притворот на Осман Кавала

Говор на турскиот бизнисмен Осман Кавала во Истанбул

Турскиот суд одлучи дека бизнисменот Осман Кавала мора да остане во затвор, продолжувајќи го неговиот притвор на повеќе од четири години без пресуда, во судскиот процес што ги поттикна тензиите во односите на Анкара со западните сојузници.

Судот донесе одлука следното рочиште да се одржи на 21 март.

Осман Кавала е четири години во затвор во Турција без осуда и покрај тоа што Европскиот суд за човекови права побара негово ослободување.

Кавала беше приведен на 18 октомври 2017 година, под обвинение за протестите низ целата земја во 2013 година, како и за случајот поврзан со обидот за државен удар во 2016 година. Тој ги негира сите обвиненија.

Во 2020 година, Кавала беше ослободен од обвиненијата за учество во протести кои се одржуваа низ целата земја во 2013 година. Неколку часа подоцна, друг суд нареди негово апсење под обвинение за обид за уривање на уставниот поредок во врска со обидот за пуч во 2016 година, за кој Европскиот суд за човекови права исто така рече дека нема основа.

Турскиот суд подоцна одлучи да го ослободи по тоа обвинение, но му одреди притвор, обвинувајќи го за шпионажа во истиот случај - потег за кој критичарите велат дека има за цел да ја заобиколи пресудата на Европскиот суд за човекови права.