Меѓународна новинарска истрага тврди дека втората по големина швајцарска банка, Credit Suisse, со децении управувала со милијарди долари скриено богатство што им припаѓало на диктатори, нарушувачи на човековите права и поединци осомничени за корупција и други криминални активности, а некои од нив се од поранешните советски републики и балкански држави.
Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), непрофитен новинарски конзорциум кој е партнер со десетици медиуми, вчера ги објави заклучоците од истрагата врз основа на огромно протекување податоци.
Credit Suisse официјално ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „наводи и инсинуации“, соопштувајќи дека дел од информациите се стари и датираат повеќе од седум децении.
OCCRP соопшти дека во податоците имало повеќе од 18.000 банкарски сметки, од кои многу „останале отворени до 2010-тите“. Според извештајот на OCCRP, кој се заснова на анализа на сметките на Credit Suisse повеќе од 8 милијарди долари им припаѓале на корумпирани функционери, диктатори и нивни роднини, криминалци и други осомничени за криминални активности и прекршувачи на човековите права.
Околу 48 медиуми ширум светот учествуваа во истрагата, вклучувајќи ги Њујорк Тајмс, Ле Монд и Гардијан. Меѓу лицата кои имале сметки во швајцарската банка од Балканот е Јанко Јовановиќ, царински службеник под истрага во случај на корупција во БиХ.
Истражувачката репортерска лабораторија во документарниот филм „Швајцарски сметки“, објави дека бизнисмените Минчо Јорданов и Благој Механџиски имале сметки во швајцарската банка.