Бесими од Брисел: Владата проактивно одговора на енергетската криза  

Министерот за финансии Фатмир Бесими.

На денешната средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со комесарот за економија на ЕУ, Паоло Џентилони во Брисел станало збор за енергетската криза и инфлацијата, мерките што се преземаат од страна на Владата и постоењето можности за поддршка во реализација на овие мерки од страна на ЕК.

„Како и за време на пандемијата, кога создадовме и имплементиравме пакети мерки за поддршка на здравството, економијата и ранливите категории, а кои овозможија падот на БДП да биде помал за 4,2 отсто во 2020 година, проактивни сме и во однос на енергетската криза“, рече министерот за финансии на средбата.

Тој ги напомена мерките што ги презема Владата за справување со енергетската криза и средствата што се обезбедени.

„Нашите среднорочни приоритети ќе бидат насочени кон справување со последиците од здравствената и енергетската криза, преку зголемување на инвестициите преку директна поддршка на инвестициските активности на компаниите, промоција и олеснување на инвестициската клима, отворање нови работни места преку активни мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Тоа значи дека ваквата поддршка ќе се реализира со формирање фондови за развој, фондови за поддршка на иновациите, гарантни фондови, фондови за ризичен капитал и слични инструменти за поддршка на извозно ориентирани компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија“, посочи министерот.

Бесими во рамки на работната посета ќе оствари средба со комесарот за соседство и преговори за проширување Оливер Вархеји, вршителот на должност генерален директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување Мачиеј Поповски и комесарот за буџет и администрација Јоханес Хан.