Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека нема да се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски доколку единственото прашање за кое би се разговарало се предвремените избори. Според него, избори ќе има во 2024 година, бидејќи на земјата сега и е потребно лидерство за надминување на последиците од кризата.
„Не сум човек кој подлегнува на притисоци, закани и уцени. Доколку единствена точка за која опозицијата смета дека треба да се разговара се предвремени избори, тогаш таква средба нема да има, бидејќи сакам да повторам дека избори ќе има, но во 2024 година. Во овој момент на Република Северна Македонија и е потребно лидерство и одговорност за справување со големите предизвици што ги имаме во оваа кризна година, а тоа е енергетската криза, која е европска, потоа здравствената криза која се уште е присутна преку новите соеви и ценовната инфлација“, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по обиколката на градежните активности на делницата Крупиште- Кочани.
Во однос на барањето на Мицкоски за писмени гаранции од ЕУ и Бугарија за македонскиот јазик, идентитет и малцинство наспроти нивното барање за Бугарите во државав, Ковачевски посочи дека разговорите со Софија се водат во духот на европските вредности и врз основа на задржување на дигнитетот на граѓаните на двете држави.
„Во Собранието веќе имаме донесено Резулуција врз основа на која ги имаме поставено нашите преговарачки позиции во овој процес. За се она што се случува во рамки на преговорите министерот Османи веќе информираше на целодневна расправа на Комисијата за надворешна политика во Собранието, а после секоја средба што ја има со своите бугарски колеги тој тоа исто така го прави и пред граѓаните. Исто така и јас и премиерот Петков во своите настапи по нашите средби ги објавуваме сите детали за кои се разговара и можам да ве уверам дека се она за што се разговара е во духот на Резолуцијата што е донесена во нашето Собрание и во духот на европските вредности. Се разбира, во целиот тој процес е вклучена и Европската комисија бидејќи на крајот на денот преговарачката рамка треба да биде одобрена од сите земји членки на ЕУ и врз основа на тоа Македонија да го добие датумот за почнување на првата меѓувладина конференција“, рече Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Ковачевски бега од избори за, како што посочуваат, да продолжи да краде милиони во енергетска криза.
„Димитар Ковачевски не прифаќа лидерска средба затоа што сака да продолжи да краде. Само во текот на месец февруари за купување на скапа струја се потрошени 58 милиони евра. СДСМ испумпува тешки милиони за купување на струја, затоа што претходно испумпуваа пари преку тендери во РЕК, и не ископаа ниту јаглен на време, ниту пак ја регулираа работата на хидроакумулациите. Ковачевски бега од избори, затоа што тој не сака решение на кризата, тој сака да ги краде парите на граѓаните преку големи набавки, кои ги правда под превезот криза.Во однос на ставот за Бугарија, срамота е што Ковачевски бега од национално единство“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Согласно новиот пристап во разговорите со Бугарија, утврден на заедничката меѓувладина седница што се одржа на крајот на јануари во Софија, двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Разговорите за политичкиот пакет прашања се разгледуваат на експертско ниво, меѓу двете министерства за надворешни работи.