Правилата за патување во Грција продолжени за уште две седмици

Актуелните правила за влез во Грција се продолжени за уште две недели согласно новата министерска одлука објавена во Службен весник, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Грција може да се влезе со европски сертификат за вакцинација, европски сертификат за прележан ковид-19 или негативен резултат од ПЦР/рапид тест, заедно со пополнет PLF формулар.

Актуелните правила се непроменети и продолжени до 7 март 2022 година, а меѓу другото важат и за државјаните на Северна Македонија.

Сертификатите за вакцинација и прележана болест, како и досега се со ограничено времетраење: за вакцинираните до девет месеци по завршувањето на имунизацијата или неограничено со примена бустер доза, а за прележаните до 180 дена по првиот позитивен тест.

Третата опција е со негативен тест, односно негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето во Грција.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), што треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на случајни тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.
Во случај на позитивен резултат при тестирањето на граница предвиден е петдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

Од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос работното време.