Путин и Макрон телефонски ќе разговараат за Украина

Претседателите на Франција, Емануел Макрон, и на Русија, Владимир Путин во Москва, 7 февруари 2022

Претседателите на Франција, Емануел Макрон, и на Русија, Владимир Путин, денеска телефонски треба да разговараат за ескалацијата на тензиите околу Украина.

Макрон беше во Русија на 7 февруари.

Западните лидери велат дека Русија, која распореди десетици илјади војници во близина на Украина, планира целосен напад против својот сосед. Москва негира дека има планови за напад.

Во меѓувреме, набљудувачката мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) извести за „драматично зголемување“ на прекршувањата на примирјето во источна Украина во последните денови.

ОБСЕ на 19 февруари соопшти дека за само еден ден имало 1.500 прекршувања на примирјето во регионите Доњецк и Луганск на нестабилната линија на фронтот меѓу украинската војска и сепаратистите поддржани од Русија.

Истиот ден, Украина соопшти дека двајца украински војници загинале во напади, што се први жртви во конфликтот по повеќе од еден месец.

Украина денеска ги прекина операциите на еден од седумте контролни пунктови на територијата во источниот регион Донбас, контролирана од сепаратистите поддржани од Русија, поради силно гранатирање, соопшти украинската војска.

Соединетите Држави велат дека Москва веќе одлучила да изврши инвазија. Американскиот претседател Џо Бајден, во петокот на прес-конференција во Белата куќа рече дека е „убеден“ оти Русија ќе изврши инвазија во наредните денови. Бајден за денеска свика состанок на Советот за национална безбедност за кризата околу Украина.