Остин - Руската војска е „подготвена да ја нападне“ Украина

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Руската војска е „подготвена да ја нападне“ Украина, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин. Тој сепак изрази надеж дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се повлече од работ на војна.

Остин за време на денешната посета на Литванија вети дека Вашингтон ќе застане заедно со своите сојузници, балтичките земји. Неговата посета доаѓа во време на зголемени стравувања во регионот од руска инвазија на Украина. Русија негира дека планира какви било напади.

„Сакам сите во Литванија, Естонија и Летонија да знаат - и сакам претседателот [Владимир] Путин во Кремљ да знае - дека Соединетите Држави стојат со нашите сојузници“, рече Остин на прес-конференција во Вилнус, по разговорите со литванските лидери.

На прес-конференција со Остин, литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис рече дека трупањето на руските војници околу Украина е „директна воена закана за Украина, но исто така претставува закана за целиот регион“.

„Битката за Украина е битка за Европа. Ако тој не застанал тука, ќе оди понатаму“, рече Ландсбергис, мислејќи на Путин.

Безбедносните тензии во регионот ги потресоа балтичките држави кои порано беа под власт на Советскиот Сојуз, а сега граничат со Русија.

Остин рече дека се согласува со американскиот претседател Џо Бајден дека Путин „донел одлука“ да изврши инвазија.

Американски функционери велат дека Русија распоредила повеќе од 150 илјади војници на границата со Украина во последните четири месеци. Русија, пак, тврди дека дел од војниците се вратени назад во нивните касарни.