Уапсен хрватскиот министер за градежништво Хорват

илустрација

Во Хрватска е уапсен министерот за градежништво, просторно планирање и државен имот Дарко Хорват. Полицијата во соработка со УСКОК утрово изврши претрес во куќата на министерот во рамки на истрага злоупотреба на службената должност и овластувања. Попладнево Хорват треба да биде сослушан.

За хрватската телевизија Н1 веста за апсењето ја потврди адвокатот на Хорват, Владимир Терешак.

Според неофицијални информации на медиумот, под истрага може да се најдат и потпретседателот на хрватската влада Борис Милошевиќ и поранешниот министер Томислав Толушиќ. Милошевиќ и Толушиќ се испрашувани во рамки на редовна постапка. Според досегашните информации, тие се осомничени дека барале вработување преку врски и поради давање државна помош.

Според неофицијални информации, станува збор за истраги поради повеќемилионски незаконски дејствија. Истражните органи ја проверуваат вмешаноста на Хорват во злоупотребите за кои се сомничи неговата поранешна помошничка Ана Мандац. УСКОК се сомнева дека таа, на барање на Јосипa Римац, поранешна градоначалничка на Книн, организирала државна помош за претприемачи од Министерството за економија во времето кога го предводел Хорват.

Неофицијалните информации покажуваат дека спорно е издвојувањето на пари од програмата за развој на претприемништвото и занаетчиството во области населени со припадници на националните малцинства.

Парите наводно биле доделени без критериуми, но се уште не се знае колкав износ е распределен на овој начин, ниту пак колку се поединечните суми.

Иако првичните информации беа дека под истрага е и министерот за труд Јосип Аладровиќ, агенцијата Хина објави дека тоа не е точно.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ рече дека по апсењето на Хорват не знае до кога тој ќе остане министер.

По апсењето на министерот Владата закажа итна седница.