Полицаец случајно убил колега во Косово

Припадник на косовската полиција е убиен синоќа во несреќен случај во село во близина на Приштина, откако бил погоден од случаен истрел од пиштол од страна на негов колега, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти полицијата, несреќата се случила околу полноќ, на приватна седенка во селото Златар.

Смртта на полицаецот ја констатирале лекарите во Клиничкиот и универзитетски центар на Косово, додека државен обвинител го овластил Полицискиот инспекторат на Косово да ги преземе сите потребни дејствија за расветлување на случајот.

Осомничениот за ненамерното убиство е уапсен, а уапсени се уште петмина негови колеги, соопшти полицискиот инспекторат на Косово (КПИ).

Како што информира КПИ, суспендирани сè уште деветмина други полициски службеници кои биле присутни на приватна седенка во селото Златар.

Ниту еден од 15-те полицајци, кои присуствувале синоќешната седенка не бил таму во својство на службено лице.

Осомниченото лице во овој случај е уапсен од КПИ под сомнение дека го извршил кривичното дело убиство и со одлука на обвинителот му е одреден притвор во траење од 48 часа и е суспендиран од службата, се наведува во соопштението.

Исто така се додава дека останатите петмина уапсени полицајци, на кои исто така им е одреден 48-часовен притвор и се суспендирани од работа, се сомничат за кривичното дело „предизвикување општа опасност“ и „употреба на оружје или опасно средство“.