Главните преговарачи на Србија и Косово ќе се сретнат во вторник во Брисел, потврдија претставници на Европската Унија.
„Домаќин на состанокот ќе биде специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак. Во оваа рунда преговори ќе продолжи да се разговара за прашањата поврзани со спроведувањето на претходните договори и следните чекори во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија“, изјави за новинарите портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
Петар Петковиќ од Белград и Бесник Бислими од Приштина последен пат дојдоа во Брисел на 16-ти ноември минатата година, но имаа само одвоени средби со Мирослав Лајчак. Тие не се запознале.
Истото беше и во септември 2021-ва година, кога беше постигнат договор за деескалација на северот на Косово, со посредство на Лајчак. Тие беа во иста зграда во исто време, но и тогаш не се сретнаа.
Европската Унија се обидува преку средбата на преговарачите да најде заеднички позиции за организирање средба на највисоко политичко ниво, меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти.
Можноста за средба на лидерите, според претставниците на ЕУ, ќе се знае дури по средбата на преговарачите.