Русија најави нови воени вежби, ќе ги набљудува Путин

Фотографија објавена од руското Министерство за одбрана од воените вежби во регионот Ленинград, 14.02.2022

Руското Министерство за одбрана најави нови стратешки воени маневри кои ќе се одржат на 19 февруари, а кои ќе ги набљудува претседателот Владимир Путин. Овие вежби се случуваат во период на зголемена загриженост дека Кремљ веројатно планира инвазија на Украина.

„На 19 февруари ќе се одржи планирана вежба на силите на стратешкото задржување под раководство на врховниот командант на вооружените сили на Руската Федерација, Владимир Путин, при што ќе бидат лансирани балистички и крстосувачки ракети“, се наведува во денешното соопштение на Министерството за одбрана.

Во него се додава дека во вежбите ќе учествуваат војници и опрема на руските воздушни сили од Јужниот воен округ, како и единици на северната и црноморската флота.

Соопштението следува неколку часа откако авторитарниот лидер на Белорусија Александар Лукашенко пристигна во Москва на разговори со Путин за повлекувањето на руските трупи од Белорусија по завршувањето на тековните заеднички воени вежби кои треба да завршат на 20 февруари.

Нови сателитски фотографии покажуваат зголемена руска воена активност кај Украина

Бидејќи Белорусија се граничи и со источното крило на НАТО и со Украина, вежбите во кои учествуваат околу 30.000 руски војници предизвикаа загриженост кај западните земји околу вистинските намери на Кремљ. Русија негира дека планира да ја нападне Украина.