Најмалку 13 загинати откако паднале во бунар во Индија

Илустративна фотографија.

Најмалку тринаесет лица загинале откако паднале во бунар за време на свадбена церемонија во северната индиска држава Утар Прадеш.

Полицијата соопшти дека жртвите, сите жени и деца, седеле на метална плоча што го покривала бунарот кога тој се урнал под нивната тежина, јавува Би-Би-Си. Во несреќата што се случи во областа Кушинагар се повредени уште две лица.

Трагедијата се случила во средата вечерта за време на традиционалната церемонија „халди“, на која роднините им нанесуваат паста од куркума на лицата на невестата и младоженецот како знак на благосостојба.

Кога плочата се скршила, другите гости истрчале да ги спасат жртвите и ги однеле во блиската болница. 11 лица веднаш биле прогласени за мртви, двајца починале подоцна, соопшти полицијата.

Главниот министер на Утар Прадеш, Јоги Адитијанат, побара од окружните власти да им помогнат на семејствата на жртвите.