Околу сто луѓе загинаа во големи поплави и свлечишта во бразилскиот град Петрополис, соопштија властите. Градот, кој се наоѓа на ридовите северно од Рио де Жанеиро, беше погоден од обилни врнежи.
Уништени се куќи во ридските населби, а автомобили беа однесени од поројот кој ги погоди градските улици. Тимовите за пребарување и спасување се во потрага по преживеани.
Бразилската национална цивилна одбрана на Твитер објави дека досега се спасени 24 лица, а потврдени се 94 смртни случаи, јавува Би-Би-Си. На видеата објавени на социјалните мрежи се гледаат големите штети и возилата кои пловат по улиците.
„Ситуацијата е речиси како војна. Автомобили кои висат на столбови, превртени автомобили, многу кал и вода“, изјави за новинарите гувернерот на Рио де Жанеиро, Клаудио Кастро.
Човек ги набљудува оштетените јавни автобуси по обилните дождови во Петрополис.
Во моментов како исчезнати се водат 35 лица, а гувернерот рече дека потрагата и спасувањето ќе продолжи без престан. Петрополис е популарна туристичка дестинација во ридовите над Рио де Жанеиро, што порано беше дестинација за летен одмор на бразилските монарси во 19 век.
Но, откако во рок од три часа во градот падна количина на дожд како за три месеци, голем дел од градот е во урнатини, а во поплавите уништени се куќи и продавници. Во една од најтешко погодените населби од лизгање на земјиштето беа погодени и до 80 куќи.
Во училиштата и прифатилиштата се сместени околу 300 луѓе, а добротворните организации бараат донации на душеци, храна, облека и маски за лице. Градоначалникот прогласи вонредна состојба, а бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој е на службен пат во Русија, рече дека ќе организира итна помош за настраданите.
Тоа е последен во серијата обилни дождови што го погодија Бразил во последните три месеци, за кои научниците велат дека причина се климатските промени. Петрополис и околниот регион претходно во јануари 2011 година беа погодени од силно невреме, кога во поплави и лизгање на земјиштето загинаа повеќе од 900 луѓе.