Извршниот директор на фармацевтската компанија Модерна, Стефан Бансел, рече дека е „разумно да се претпостави дека веројатно се приближуваме до последната фаза на пандемијата“.
„Мислам дека тоа е разумно сценарио“, рече Бансел во интервју за Си-Ен-Би-Си на прашање за ставовите дека пандемијата на КОВИД-19 сега е во завршна фаза.
Тој објасни дека според тоа како се развива Омикрон варијантата, има 80 проценти шанси да има се помалку и помалку моќни видови на овој вирус.
Тој исто така рече дека постои уште едно сценарио во кое има 20 проценти шанси следната мутација да биде повирулентна од Омикрон.
„Мислам дека на глобално ниво имавме среќа што Омикронот не беше многу вирулентен ниту пак предизвика потешка клиничка слика, но сепак гледаме илјадници луѓе ширум светот кои умираат секој ден поради Омикрон“, предупреди Бансел.
Според Светската здравствена организацијаж (СЗО) во последните седум дена во светот се пријавени над 15 милиони нови случаи, а во истиот период починале 73.162 лица.
Некои медицински истражувања потврдија дека високо заразната варијанта Омикрон сè уште предизвикува поблаги форми на болеста КОВИД-19 отколку што беше случајот со Делта варијантата, но сепак вирусот е опасен особено за невакцинираните лица.
Во јануари оваа година фармацевтската компанија Модерна објави дека ќе започне клиничко испитување на ефикасноста на специјалната засилена вакцина развиена против Омикрон варијантата на коронавирусот.
Првите волонтери веќе добија засилувачка доза. Во студијата ќе учествуваат 600 лица на возраст над 18 години.
Здравствените власти, исто така, нагласија дека заканата од варијантата омикрон може постепено да исчезнува.
Сепак, директорот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус во јануари предупреди дека е опасно да се претпостави дека пандемијата е при крај.
Всушност, тој рече дека „не сме ни блиску до крајот“ и предупреди дека најверојатно ќе се појават нови варијанти додека Омикрон се шири на глобално ниво.
Главниот медицински директор на Белата куќа, д-р Ентони Фаучи минатиот месец рече дека сè уште има „отворено прашање дали варијантата Омикрон ќе го означи последниот бран на пандемијата“.