ДЗР: Јавниот долг го достигна нивото од 60 отсто од БДП

Денари

Државниот завод за ревизија го објави ревизорскиот извештај од извршената ревизија на успешност – Управување на јавниот долг-задолжување на Република Северна Македонија.

Ревизијата е извршена согласно годишната Програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2020 година и го опфаќа периодот 2015 – 2020 иако одредени области, прашања и настани се опфатени пред 2015 година.

„Во услови на КОВИД-пандемијата постигнат е лимитот на јавниот долг од 60 отсто од БДП и долгот е зголемен за 15 процентни поени. Во Република Северна Македонија и други држави во меѓународни рамки како одговор на здравствено-економската криза не секогаш е обезбедено почитување на фискалните правила за управување со јавен долг и дефицит и има зголемување на нивото на јавниот долг“, наведува ДЗР.

Во ревизорскиот извештај е нагласено влијанието на фискалната политика во создавањето на јавниот долг. Во Република Северна Македонија, 75% од вкупниот јавен долг, односно 88% од државниот долг е за финансирање на буџетскиот дефицит поради проектирани повисоки расходи од приходи.

Ревизорите во извештајот ја истакнуваат потребата од применување на меѓународните добри пракси, кои не се предвидени во Уставот на РСМ и во Законот за буџети, како што се постоење на фискални правила за јавен долг и дефицит, вршење на задолжителна анализа на одржливост на долгот во постапката на донесување на Буџетот на РСМ, како и постоење на план за задолжување од страна на Собранието.

Исто така, ревизорите констатираат мал процент на реализација на капиталните проекти. Ваквата состојба, како што се наведува во извештајот, е резултат на избор на проекти без прецизни и јасни критериуми, непредвидена Методологија за селекција на проекти, реализација на проекти кои не се во рамките на буџетскиот процес, како и отсуството на следење и надзор на проектите. Ваквите состојби, како што порачува ДЗР, влијаат на ефикасното, ефективното и економичното користење на јавните средства и на управувањето со јавниот долг.