Компјутерски напад врз интернет страниците на украинските вооружени сили

Илустрација: Државен сервис за специјални комуникации на Украина

Веб-страниците на украинските вооружени сили, на неколку министерства и банки во Украина денеска беа цел на сајбер напади, соопшти украинската влада.

Министерството за одбрана на Твитер соопшти дека нивната веб страница веројатно била цел на DDoS напади (дистрибуирано одбивање на услуга), односно бил регистриран прекумерен број барања во секунда. Од Министерството додаваат дека работат на решавање на проблемот.

Профилите на Министерството на Фејсбук и Твитер треба да се користат како резервен начин за официјалните комуникации додека сајтот не се врати во нормална работа. На располагање за користење се уште две други веб-страници, ArmyInform и Army FM, соопшти Министерството во одбрана на Фејсбук.

Во соопштението на Центарот за комуникација и информациска безбедност во рамките на Министерството за култура и информатичка политика не се наведува во кого со сомневаат дека стои зад нападот, но во соопштението се имплицира дека Русија е виновникот.

„Не е исклучено дека агресорот користел тактики на мали валкани трикови, бидејќи неговите агресивни планови не функционираат во голем обем“, се вели во соопштението.

Односите меѓу западните земји и Русија остануваат тензични по распоредувањето на стотици илјади руски војници на границата со Украина, што кај западните земји предизвика стравување од воена агресија. Русија негираше дека планира инвазија, а во меѓувреме продолжуваат напорите за дипломатско решавање на кризата.

Цел на напад денеска биле уште најмалку две банки, Прајватбанк и Оштадбанк. Прекините на Прајватбанк беа предизвикани од DDoS напад, соопшти центарот. Корисниците на онлајн апликацијата Privat24 на банката пријавија проблеми со плаќањата и со апликацијата воопшто.

Некои корисници не можеа да се логираат на Privat24, додека други не можеа да ги видат состојбата на нивните сметки и неодамнешните трансакции. Банката соопшти дека сајбер нападот влијаел само на апликацијата Privat24 и дека нема закана за средствата на штедачите.
Оштадбанк исто така имаше проблеми во работата, а услугата за интернет банкарство беше во прекин.

По сајбер нападите врз украинските институции во јануари, Европската унија соопшти дека ќе мобилизира ресурси за да ѝ помогне на Украина да се справи со сајбернапади врз нејзините владини веб-страници.