Денеска започна судењето на затворениот руски опозиционер Алексеј Навални во врска со нови обвиненија за проневера. Навални обвиненијата ги нарекува политички мотивирани, но истите би можеле да го доведат до уште 10 години затворска казна.
Московскиот окружен суд Лефортово го започна судењето во казнената колонија во градот Покров во Владимирската област, на околу 200 километри источно од Москва, каде што антикорупцискиот активист ја помина минатата година поради друго обвинение, откако се врати од странство каде што се опоравуваше од речиси фаталниот напад со нервен гас за кој го обвинува на Кремљ. Потоа Навални беше осуден на 2 и пол години затвор за кршење на условите од претходно судење на кое бил условно ослободен.
Неговата сопруга Јулија Навалнаја во објава на Инстаграм ги критикуваше руските власти дека се плашат да го судат во Москва, оти случајот против него е, како што вели, патетичен.
Новиот случај против Навални, започнат во декември 2020 година, тврди дека 45-годишниот адвокат проневерил пари од неговата сега непостоечка и забранета Фондација за борба против корупцијата (ФБК) и за непочитување на московскиот суд.
Првично, истражителите рекоа дека Навални бил обвинет дека земал повеќе од 4,7 милиони долари во донации кои им биле дадени на неговите организации и ги користел за негова лична употреба. Соработникот на Навални, Леонид Волков, рече дека по добиените материјали за случајот наводно „проневерената“ сума сега е прикажана како 33.770 долари.