Српската Влада предложи распуштање на Собранието пред изборите

Архива - Претседателот на Парламентот на Србија Ивица Дачиќ.

Владата на Србија на денешната седница го усвои предлогот претседателот на Србија да го распушти Собранието во пресрет на претстојните парламентарни избори кои се најавени за 3 април.

Како што беше соопштено по седницата на Владата, доколку биде усвоен предлогот за распуштање на Парламентот, Владата ќе влезе во технички мандат.

„Владата на Србија ќе продолжи да работи посветено и во интерес на сите граѓани. Владата ќе продолжи да ги извршува сите свои активности во техничкиот мандат со полн капацитет, во согласност со уставните и законските прописи“, се вели во соопштението.

Претседателот на српското Собрание Ивица Дачиќ претходно најави дека на 15 февруари на Денот на државност на Србија ќе бидат распишани парламентарните и белградските избори, а изборите за претседател на Србија најверојатно ќе бидат распишани на 2 март.

Изборите, како што беше претходно најавено, треба да се одржат на 3 април.

Годинава се одржуваат редовни претседателски и белградски избори, а предвремени парламентарни избори.