СДСМ по признанијата во „Титаник“ бара оставка од неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

Судење за случајот „Титаник“, архивска фотографија

По признанието на високи партиски функционери во судскиот случај „Титаник“ треба да следуваат оставки на сите актуелни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои биле дел од раководството на оваа партија во тоа време, рече денеска пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева.

„Има пратеници од актуелниот пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ директно поврзани со тоа време и тоа раководство. Александар Николовски, Антонијо Милошоски, Владо Мисајловски, Игор Јанушев се пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, блиски соработници на Никола Груевски во време кога се кршеле законите, се злоупотребувале парите на граѓаните, се вршело поткуп при гласање и други изборни нерегуларности.По признанијата на нивните сопартијци, овие пратеници треба да се повлечат од политиката и да преземат морална одговорност“, рече пратеничката од СДСМ.

На 11 февруари дел од обвинетите во случајот „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности и злоупотреби, признаа вина. Меѓу оние кои се изјаснија како виновни се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешната заменичка министерка за права Билјана Бришковска-Бошковска и Мартин Протуѓер, шеф на кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски, кој исто така е обвинет во овој предмет, но е во бегство во Будимпешта.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Обвинителката во случајот Лиле Стефановска побара поблаги казни за оние кои признаа вина.