Русинката Валиева може да продолжи да се натпреварува на Олимпијадата

Камила Валиева

Тинејџерската руска натпреварувачка во уметничко лизгање Камила Валиева доби дозвола од највисокиот суд на спортот да се натпреварува во женското уметничко лизгање на Зимските олимписки игри во Пекинг и покрај тоа што падна на допинг тестот. Судот за спортска арбитража (CAS) соопшти дека ја потврдил одлуката на Руската антидопинг агенција за укинување на забраната за 15-годишното девојче, кое било позитивно на тестот за забранета супстанца на 25 декември. Во одлуката на CAS, објавена на нејзината веб-страница, се вели дека 15-годишната Валиева, фаворит за злато, не треба да биде привремено суспендирана пред целосна истрага. CAS соопшти дека пресудил во нејзина корист делумно затоа што била малолетна и била предмет на поинакви правила од возрасните спортисти.

ИТА потврди дека руската лизгачка паднала на допинг тестот

„Панелот сметаше дека спречувањето на спортистката да се натпреварува на Олимпијадата ќе ѐ нанесе непоправлива штета во овие околности“, изјави генералниот директор на CAS, Метиу Риб. 15-годишната Валиева стана првата жена која изведе четирискок на Олимпијадата на 7 февруари кога Рускиот олимписки комитет (РОК) го освои златото во екипна конкуренција. Примерокот што таа го обезбеди на 25 декември беше позитивен на забранетиот лек за срце триметазидин, но беа потребни повеќе од шест недели за да се објават резултатите. Пресудата на CAS се занимава само со тоа дали Валиева може да продолжи со лизгање пред да се реши нејзиниот случај. Светската антидопинг агенција (ВАДА) на 13 февруари објави дека ќе спроведе сопствена истрага на тренерите, лекарите и другите возрасни лица на Валиева кои работат со неа поради нејзиниот статус како малолетна.