Османи за разговорите со Бугарија - Треба повеќе мудрост отколку емоции

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Позициите со Бугарија се уште се различно, но разговорите служат за да се изнајдат заеднички решенија, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите.

„Нашите државни позиции се јасни и нема измени во државните позиции. Најважното прашање за нас се идентитетските прашања во преговарачката рамка како европски решенија, за нив е прашањето на бугарската заедница во Република Северна Македонија и тоа го идентификува на некој начин патот по кој треба да се движи овој процес. Пакетот политички прашања ги опфаќа прашањата што се важни за нас, две се важни барања за нас, а тоа е прифаќање на преговарачката рамка, како што е предложено од страна Европската комисија, посебно во однос на идентитетските атрибути и почетокот на преговори. Од страна на Бугарија се прашањата по однос на правото на самоопределување врз основа на државното уредување, говор на омраза и рехабилитација на жртви на комунизмот. Тоа се пакет прашања во кои се вклучени елементи од едната или другата страна“, појасни Османи.

Во врска со провокациите што се случуваат од двете страни, Османи е дециден дека наша цел не е ескалација на односите со Бугарија, туку деескалација на односите, затоа што нам ни е спречен развојот преку блокадата на ЕУ.

Нема да дозволам, истакна министерот Османи, да правам политиканство од дневна и партиска политика, на теми што се суштински за граѓаните.

„Имам крајна цел, а таа крајна цел е оваа држава да стане европска држава, да ги нормализира односите со соседите, зачувувајќи тоа што е најважно за граѓаните. За тоа ми треба повеќе мудрост во делувањето отколку емоции. Оваа работа или ќе ја водите со глава или со срце. Со срце може ќе ви донесе некоја популарност во моментот, ќе задоволува некои наши фрустрации и емоции и незадоволства, но на крајот нема да нè води таму кај што сакаме. Затоа мора оваа работа да биде со ладна глава и жешко срце, само така ќе може да го надминеме. Но, граѓаните може да бидат спокојни дека нема да дозволиме ништо што е суштински идентитетски за нив да се повреди“, истакна Османи.

Тој уште еднаш повтори дека ние се водиме од принципот ништо не е договорено, додека сè не е договорено, и затоа е важно да има пакет на заемно поврзани елементи како почеток на процесот на имплементација на договорените точки.

Османи рече дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е дел од разговорите и преговорите, но не е решено.